Стаменов со порака до критичарите: Помошта од државата тешко дека ќе ја дочекате живи!

Борче Стаменов од иницијативата „Донирај Компјутер“ често го кажува својот став за бројни општествени теми. 

Овој пат свој со порака до „дежурните критичари“. 

Ова е неговиот фејсбук став во целост: 

- Сите знаат како е подобро, се до моментот коа тоа нешто треба да се сработи. Мислите ли дека ние шо имаме некакви иницијативи со кои помагаме на народот, не знаеме дека на некој начин со нашите активности и овозможуваме на државата повеќе да има за крадење? Знаеме и свесни сме за тоа. Ама кога од друга страна ги имаш сите деца, ученици, студенти, родители едноставно не мислиш на друго. Гледаш на секој начин да им помогнеш на тие непознати лица.

Дали мислите дека еден човек кој нема средства да се лечи или у нашиот случај да купи компјутер, е во состојба да чека државата да ја добие борбата (која не се ни води искрено) со криминалот? Дали сте се ставиле во нивна ситуација да секоја секунда ви е важна и момент дали ќе преживеете или дали вашето дете ќе добие еднакво образование?

Дали ако вас ви се случи нешто би чекале помош од државата или би се обратиле до луѓето и иницијативите кои помагаат? Мислите ли дека ќе ја дочекате живи таа помош од државната бирократија? Од досегашно искуство, нема.

Е другари до тогаш ние сме ви "прва борбена линија". Поддржувајте ги иницијативите кои се докажале како позитивни и транспарентни како знаете најдобро. Било тоа финансиски, или со едноставно споделување на нивната идеја и борба. А во меѓувреме може да организирате некој протест, да расфрлате измет по инстититуции кои тоа го заслужуваат, да ја блокирате државата, да простестирате со граѓанска непослушност наместо да ја кршите тастатурата со коментирање како требало. А ние, ние и покрај тоа што секој наш слободен момент го користиме да помогнеме некому и буквално понекогаш немаме живот, ќе ви се придружиме. Тоа имав да кажам за нас, државата и зашто ние сме одлучиле да си играме држава у држава.