Стајковци добива нова спортска сала која ќе го носи името на бранителот Бобан Ивановиќ

Денеска во Стајковци свечено беше отворена новата спортска сала во основното училиште „Кирил и Методиј“, инвестиција целосно обезбедена од буџетот на општина Гази Баба која чини 20 милиони денари.

-Искрено сум среќен што после 50 години, населеното место Стајковци и учениците од Стајковци и од околината добиваат спортска сала во која што ќе можат да ги реализираат часовите по физичко и здравствено образование. Салата е опремена со најсоодветна опрема и спортски реквизити и тука учениците ќе можат да партицираат повеќе видови на спорт, мал фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика и боречки вештини. Посебна чест е за мене што на моја иницијатива салата ќе го носи името на Бобан Ивановиќ, македонски херој кој животот го загуби бранејќи ја Македонија во акцијата во Диво Насеље. Со оваа одлука споменот за Бобан Ивановиќ ќе биде вечен и никогаш нема да се заборави, порача денеска градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски. 

Исто така денеска беше пуштен во употреба и отворен спортски комплекс во чии содржини има фудбалско игралиште со подлога од вештачка трева, ново кошаркарско игралиште и детско катче и жителите од околина од сите возрасти и од сите генерации ќе можат да спортуваат, да се дружат и да се рекреираат.

-Општина Гази Баба на почетокот на оваа година започна со голема градежна офанзива, така ќе продолжиме во иднина со цел реализација на сите проекти што се од нашата изборна програма и навистина да им направиме подобри услови за живот на нашите сограѓани во општина Гази Баба, додаде Стефковски. 

На отворањето на новата спортска сала присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Стајковци доби нова спортска сала и покрај опструкциите на власта, ветувањата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се исполнуваат Не можеме да го скриеме задоволството кога сме дел од вакви настани, каде што можеме да сведочиме на исполнети ветувања, даден збор кој што граѓаните можат да го видат и на дело. Тоа што се ветува, тоа се и реализира, порача тој.