„Спомнете им на ОБСЕ гостите дека 5600 семејства изгубиле некој близок како последица на загадувањето“, напиша Пешева на фејсбук

„Спомнете им на ОБСЕ гостите дека може да им биде малку лошичко, да кашлаат, да не можат да дишат и да имаат необјасниви алергии, не од возбуда, секако“, ова на својот фејсбук профил во пресрет на самитот на ОБСЕ кој се одржува следната недела во Скопје го напиша Ели Пешева која е дел од 02 Иницијативата што се бори против загадувањето на воздухот.

Таа предложи покрај менијата со храна и пијалак, организаторите да им кажат и што ќе дишат и додаде дека бројот на починати како последица од загадувањето за една година е зголемен за 30 проценти.

„Пошто 5600 семејства изгубиле некој свој близок, како последица од загадувањето во државава (зголемување за 30% за само една година). Во најава е носење на буџетот за следната година во кој стапката за заштита од загадување ќе го достигне историски најнискиот праг“, додаде во својот фејсбук статус и со честитка за „немање појма од приоритети“.

Во едно од гостувањата на Телма Телевизија, Пешева констатираше дека една работа е заедничка за сите партии во Македонија и за сите влади во изминатите 10-тина години, а тоа е незаинтересираноста за животната средина.

Околу 98 отсто од европските граѓани дишат отровен, многу штетен загаден воздух, кој е поврзан со околу 400.000 смртни случаи годишно, а Македонија е најтешко погодена, покажа истражувањето на британскиот дневен весник „Гардијан“.

Триесеттиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември, во салата Борис Трајковски во Скопје. Настанот се одржува во рамки на македонското претседавање со оваа меѓународна организација.