Скулптура на полжав осамна пред Поштата во Скопје - „Поштата е брза само споро стигнува“

Скулптура на полжав денес беше поставена пред Поштата во Скопје како дел од герила акција насловена „Поштата е брза, само споро стигнува“. Организатор на оваа акција е Центарот за современи уметности кој сака да го посочи проблемот со брзината на испорачување на пратките од страна на „Пошта“

Од Центарот за современи уметности велат дека истовремено со акцијата даваат поддршка и на синдикатот на поштенските работници кои претходно штрајкуваа, барајќи ги неисплатените плати, како и реорганизација во работењето на претпријатието за да може граѓаните да добијат подобри поштенски услуги.

Идејата за акцијата, е инспирирана од тоа што, како што велат организаторите, иако веќе помина и 1 април, многу граѓани сè уште добиваат новогодишни честитки, а на некои и тие им доцнат.

„Состојбите во кои се наоѓа акционерското друштво во државна сопственост Пошта на Северна Македонија се повеќе од алармантни. Илјадници граѓани секојдневно  лутаат по поштенските објекти и ги бараат своите препорачани пратки (сметки, казни за сообраќајни прекршоци, решенија, уверенија…), а откако нема да ги најдат се соочуваат со извршни решенија од извршителите. Од друга страна пак исто така илјадници граѓани со месеци ги чекаат и ги бараат своите платени нарачки од еBay, AliExpress, Amazon и слични страници за онлајн купување. Срамота е во 21-век да се губат пратки, да се враќаат на испраќачите, а секоја трета недела да не може да се испраќаат пратки од Македонија кон некои држави меѓу кои некои се и наши стратешки партнери – минатата година неколку месеци беше невозможно да се испрати било каква пратка за САД“, велат од Центарот за современи уметности.

Сè на сè, тие велат дека поштенските пратки на Пошта се движат со брзина на полжав и токму затоа и ја изработиле скулптурата, сакајќи да го потенцираат проблемот и да извршат јавен притисок за подобрување на состојбите во Пошта и изнаоѓање на проблемите со кои се соочува претпријатието и неговите вработени.