Скопје ќе добие ново „Водно“ - Еве каде ќе биде лоцирано и како ќе изгледа (видео)

Скопје ќе добие ново место за одмор и рекреација, а ќе биде лоцирано во Драчево. 

Првиот човек на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски соопшти дека започнале со изградба на рекреативно туристичко место „Покрсти” во Драчево, налик на Водно, на местото викано Марков рид.

- Започнавме со расчистување на трасата која ќе биде нова туристичка рекреација за жителите од Кисела Вода, но и за целото Скопје. Патеката позната како Покрсти која е долга над 8 километри и по која мојот народ се движи на вториот ден после големиот христијански празник Велигден, во иднина ќе се користи како рекреативна патека и ќе понуди извонредни услови за поминување на слободното време, појасни тој. 

- Сместено во чиста и зелена средина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, ова ново место ќе има асфалтирана патека која ќе ја красат урбана опрема на која посетителите ќе можат да одморат и да уживаат во природата, додава Ѓорѓиевски. 

Како што рече тој, првата фаза ќе биде завршена до месец март, со што до првото плато ќе може да се пристапи од две страни, од кои едната ќе биде уредена со скали кои ќе водат до првото плато, односно до православниот Крст.

 Патеката ќе продолжи до второто плато, односно вториот мини плоштад на кој ќе биде изграден и споменик на Комитите.

 Сето ова, од почетокот на трасата до крајот ќе биде уредено со жардинерии кои ќе се вклопат во природната планинска вегетација како и патокази, а ќе има и паркинзи.

-Сумарно, ова ќе биде уште една вистинска атракција за љубителите на чистиот воздух, планината и за сите што сакаат да уживаат во прошетката и возење велосипед. Со сигурност, Покрсти ќе биде новото туристичко место во Скопје кое ќе привлекува голем број на посетители, порача градоначалникот на Кисела Вода и сподели видео каде е лоцирано и како ќе изгледа ова ново место за скопјани.