Скопјанката Розана, единствената жена оџачар: „Не признавам машка и женска професија“

Розана Ивановска-Коневска е единствената жена од Македонија, кандидат за оџачар, која ги руши стереотипите дека чистењето на оџаци е единствено само машка професија. Таа рамо до рамо со нејзините десетина колеги кандидати веќе неколку месеци го посетува курсот за оџачари што го распиша Град Скопје. Со обуката е при крај и нестрпливо чека да го спроведе на дело она што го научила.

Кога ја одбрала оваа професија однапред знаела дека нема да има топла канцеларија бидејќи ќе има работа на отворено, на стрмен, висок и лизгав кров. Но тоа не ја секира бидејќи, како што вели, височините се нејзина пасија од мали нозе. Нејзе не и пречи ниту тоа што здолништето ќе го замени со црна оџачарска униформа, а високите потпетици со оџачарски чевли со силикони кои ќе се лепат на секој покрив како и тоа дека наместо пенкало в рака ќе држи сајла и метално ѓуле. Но сето тоа ја прави среќна затоа што на луѓето ќе им донесе среќа, бидејќи како што вели низ смеа оџачарите носат среќа, пренесува Вечер.

Розана по природа е весела жена, која верува во себе, но и голем поборник за чисто Скопје.

“Јас не признавам машка и женска професија. Стереотипите за мене не важат. Се што правам не го правам тоа со мака туку од задоволство, вели Розана. Таа по карактер е жена која секогаш изненадувала. Тоа го знаат сите што ја познаваат и за нив не било вест дека таа сака да биде оџачар, но изненадување било за сите други кога се пријавила на огласот за оџачари. “Кога му кажав на семејството дека ќе станам оџачарка тие, знаејќи го мојот карактер, не се изненадија, само кусо ме прашаа дали сум спремна на коментарите кои ќе ги слушам додека сум на работа. Само се насмевнав – објаснува Розана.

Дека градот Скопје рапишува оглас за прием на кандидати слушнала на радио. Веднаш отишла во Агенцијата за вработување. “Кога кажав дека сакам да се пријавам на огласот, тогаш една од службеничките ме праша дали сум сигурна. И објасив дека височините и слободата се мојот живот и дека можам машки онака на мускули да ја истуркам секоја работа. Кога таа ме ислуша едноставно ми рече: Ги обожувам храбрите жени. Нека ти е со среќа – со воодушевување почна да ни раскажува Розана за нејзината одлука да стане првата жена оџачар во државава.

Таа дотогаш немала никакво познавање за оџаци. “Мислам, можеби ако сум погледнала во некоја куќа со оџак, тоа било дека ми се допаѓала некоја градба само од естетска природа и дека сопствениците убаво си ја уредиле куќата. А не тоа дека ме интересира оџакот за кој имав претстава дека се работи на некаква цевка или пак отвор во куќата кој служи за затоплување. Но, како течеше обуката се повеќе навлегував во тајните на оџачарскиот свет и сфатив дека овој занает не е едноставен, туку вистинска наука – објаснува Розана.

Кога почнала обуката и кога се појавила во зградата каде што се одржува наставата нејзините колеги мажи ја гледале со недоверба прашувајќи се што бара жена во машка работа. Но, коментарите не и пречеле. “Не сакам никој да ме стигматизира, само затоа што сум жена -вели Розана. Како одминувало времето таа се повеќе потврдувала дека е способна успешно да ги решава загатките во оџачарската професија, во некои зададени ситуации дури подобро од нив. Станала миленичка на сите. Во тоа се уверивме и од нејзината професорка Јасмина Атанасовска Симјановска, единствената дипломирана жена оџачар во Македонија, која вели дека Розана е храбра жена родена за ваква професија.

Таа се уште се нема качено на кров и отпочнато со чистење на оџаци, бидејќи се уште трае обуката. Но е сигурна во себе, бидејќи неа височините не ја плашат затоа што совладувањето на висините за неа било секогаш предизвик”. Тоа е вродено, или имаш страв или пак не. Јас тој проблем за среќа го немам. За мене височините не се лимит: Ако се плашев од височина уште во старт ќе се откажев.

Од досегашната обука, како што вели, заклучила дека нема стандарди по кој се изградени оџаците во државава и дека секој градел како што му одговарало и дека законите се менувале по потреба на оние што граделе.

На прашањето каков алат треба да носи оџачарот кога оди на интервенција и дали таа има доволно сила за да го подигне и на грб истиот да го искачи на високите кровови, како и дали е спремна да одолее на коментарите од луѓето кога за прв пат ќе отворат врата од нивните домови. Таа вели дека е силна жена  и товарот не ја плаши. Сега оџачарите не се како оние од честитките кои се испраќаа за Нова година на кои е насликан оџачар со сајли, четки на себе и еден куп друга опрема. Оџачарскиот занает е доста модернизиран и секогаш на терен одат двајца оџачари додека едниот е качен на кровот другиот го опслужува со опремата за да нема постојано качување и симнување. А за коментарите на луѓето ич не се секирам. Јас по природа сум весела жена и знам дека насмевката отвора железни врати – самоуверено рече Розана.