Синдикат на пошта: Има недостаток на поштари, шалтери, работници но затоа администрацијата и шефовските позции се преполни

Целосна реорганизација и систематизација побараа на денешниот протест вработените во Македонска пошта. Целото друштво според нив се соочува со големи кадровски проблеми, недостаток на персонал во технолошкиот процес и нередовна исплата на плата.

Претседателот на Синдикатот на Пошта, Боро Велигденов, рече дека со сегашната состојба, вработените се загрижени за опостојувањето, иднината и зачувувањето на работните места.

„Осумдесет отсто од вработените се со просек на минимална плата, а февруарската плата уште не е исплатена и покрај тоа што законскиот рок е до 15-ти. Финансиската состојба на друштвото е лоша и се стравува дека ќе нема редовна исплата“, рече Велигденов, припишувајќи ги проблемите на лошата кадровска политика и менаџирањето.

Тој рече дека има недостаток на работници во технолошки процес – поштари, шалтери и работници, но затоа, има преполни работни места во администрацијата и шефовските позиции.

„Имате еден шеф на еден работник“, рече тој.

Во Македонска пошта има 1800 вработени и 200 поштари кои се договор на дело. Синдикатот бара на овие лица да им се реши статусот зошто со години работат без здравствено осигурување и на минимална плата. Дополнителн проблем е и одливот на вработени кои самите си даваат откази, особено работниците од технолошкиот процес.

Велигденов рече дека Синдикатот со години алармира за реформирање и реорганизирање, но надлежните немаат слух. Долгогодишните барања на вработените и синдикатите се изготвување на нова систематизација, нов колективен договор, реорганизација, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

Синдикатот ја повика Владата заедно со раководството веднаш и без одлагање да се заложат за обезбедување на финансиски средства за редовна исплата на плата, како и превземање на итни мерки за реформирање на Македонска пошта, во спротивно, како што кажа тој, протестот ќе продолжи и ќе се отпочне со постапка за штрајк.