Синдикат на култура: Ја повикуваме министерката да не биде трагичар во културата, да не го растура она што заеднички го градевме

Вработените во културата изразија загриженост дека нема да добијат зголемување на платите во согласност со усогласувањето со минималната плата и дополнителните предвидени 10 проценти, како што е предвидено во Општиот колективен договор за јавниот сектор.

На протестот пред Министерството за култура, тие ја повикаа министерката за култура да им обезбеди законски упаства за пресметка на плата, со цел да се почитуваат условите од двата колективни договора, оној што е потпишан со Министерството за култура и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

„Ја повикуваме министерката уште еднаш да не биде трагичар во културата, туку да се одважи, да се соочи и да им застане на патот на сите оние кои сакаат да го растурат она што заеднички го градевме. Ја повикуваме да достави законски упатства за пресметка на плата со што ќе се испочитуваат двата колективни договора, а избегнат големи судски трошоци што ќе паднат на товар на државата, изјави Вера Атанасовска“, претседателка на Синдикатот на култура.

Поддршка на вработените од културата им даде и Сојузот на синдикати на Македонија.

„Тоа што треба да го направат е во решението јасно да напишат дека основицата за пресметка на коефициент 1 е минималната плата или 22.567 денари, таа се множи по коефициент на сложеност и да стават уште една ставка дека основната бруто плата на работикот согласно ОКД се зголемува за дополнителни 10 проценти. И на тој начин да се реши дилемата дека овие вработени нема да добијат само 2,15 проценти“, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.