Штандови со цвеќе, ваучери, акции и попусти насекаде - раздвижено во пресрет на 8 Март

Полни цвеќарници и богата понуда на производи за жените! Денеска раздвижено низ Скопје во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март!

Трговците ги извадија штандовите на кои се нуди различно цвеќе, од спакуван еден цвет, до сакции со собно и надворешно цвеќе, по различни цени.  Низа брендови, на социјалните мрежи, нудат ваучери за пазарување – тренд кој стана сѐ поактуелен изминативе неколку години, со цел подарокот сами да си го изберат оние кои ќе добијат вредносен ваучер.

Се нудат козметички прозиводи, декоративни украси, но и кујнски помагала и работи за домаќинство, па сѐ до кујнски апарати.

Најрастрчани се родителите кои во пресрет на празникот купуваат подароци за учителките.

- Не е една учителка како порано. Сега моите деца имаат по една учителка во школо, плус на курсевите по две, така што имам повеќе за пазарување, споделува една мајка која вели дека за во училиште собираат пари и ќе купат групен подарок, додека за останатите ќе купи по едно цвеќе.

Не е мал бројот на оние кои велат дека празникот се повеќе се комерцијализира.

- Преплавени сме со понуди, попусти, осмомартовски акции...Некако стана обврска, иако според мене секогаш подарувам кога чувствувам дека тоа треба да го сторам, за овој празник иако е симболично, сепак е некако како наметната обврска, смета една скопјанка.

- Цвеќе секогаш е вистинскиот избор, коментира една скопјанка која вели дека нема жена која не сака цвеќе.

Но, има и такви кои велат дека подаруваат нешто за лично да го искористи жената.

- Козметика, книга, некој украс, ваучер за масажа...Имам лошо искуство со цвеќињата. По само некој месец саксиското цвеќе се суши и толку...а и не секој има желба и време и простор да се грижи вистински за цвеќињата.