Осмомартовските патувања пропаѓаат поради пасошите – И екскурзиите под знак прашалник

Традиционалните патувања надвор од земјава по повод празникот на жената, 8.Март, годинава неизвесни.

Иако веќе од почетокот на месец февруари туристичките агенции ги објавија понудите, многумина се откажаа од идејата за патување, токму поради пасошот со старото име на државата. Дури и оние кои се фотографирале за пасош, кој по процедура, треба да биде готов за две недели, поради недостатокот од обрасци чекаат подолго време.

Од туристичките агенции велат дека во дел од земјите за патување може да се мине и со лична карта, како на пример во соседните земји, освен Грција, а дел од земјите пуштаат и со старите патни исправи.

Граѓаните, сепак, велат дека не би ризикувале.

- Го чекам новиот пасош. Идејата за патување пропадна, затоа што не можам да планирам и да уплатам, а потоа да немам пасош и да ми пропаднат парите. А, патувањето со стар пасош е стрес, не е тоа уживање какво што треба да биде патувањето, споделува една скопјанка.

И екскурзиите за во странство кои се закажани за пролетва „зависат“ од патните исправи со името „Северна“.

Мајка сподели дека екскурзијата за во Италија за својата ќерка средношколка им е речиси уплатена, но го чекаат пасошот за кој не се знае дали ќе биде до мај.

- Екскурзијата е закажана за 20.мај. Го чекаме пасошот. Доколку не е готов до крајот на април, ќе мора мојата ќерка да аплицира за пасош по итна постапка, за да не и пропадне екскурзијата која веќе ја исплаќаме, сподлува една мајка.

Сега за сега, патни исправи со новото име ќе имаат приоритет да извадат професионалните возачи со валиден сертификат. За останатите, останува ветувањето од надлежните дека обрасците стигнуваат и ќе пристигнуваат во следниот период со зголемен интензитет и дека процесот тече, иако можеби се чека малку повеќе од стандардното време.