Северина на Скопје му приреди спектакл

Во придружба на нејзиниот бенд, вчера вечерта Северина на Скопје му приреди спектакл во буквална смисла на зборот. Со својот енергичен настап ја развесели публиката и создаде атмосфера за паметење и уште еднаш покажа дека таа е најголемата регионална ѕвезда, кралица на сцената која со нејзините настапи веќе долги години ги поместува границите и ги диктира трендовите. Секој нејзин чекор бурно се следи, а изминатиот период е во центарот на вниманието, откако на публиката и го претстави својот нов албум под наслов „Sorry“.

„Арена Борис Трајковски’’ беше исполнета до последното место, а овој концерт е нешто што одамна требаше да му се случи на Скопје. Беше претставен првиот дел од албумот, наречен “Страна А“, а вториот дел од албумот, односно “Страна Б“, ќе биде објавен оваа есен/зима, каде што ќе започне и нејзината турнеја. Oва е нејзина петта регионална турнеја во кариерата, што ја прави една од ретките која може да се пофали со таков успех.

Непосредно пред нејзиното доаѓање во Скопје, хрватската пејачка објави видео на социјалните мрежи присетувајќи се на еден нејзин настап на „Златна бубамара“ од далечната 2014-та година, каде што на сцената настапи заедно со легендарниот Влатко Стефановски.

Секоја средба со Македонија остава длабока трага во моето срце. Првенствено од луѓето, храната, посебните концерти, големите светски уметници, како што е Влатко Стефановски. Ти благодарам Македонија и се гледаме во Скопје на 30 март во „Арена Борис Трајковски“, ќе биде тоа концерт за душа“, напиша Северина на видеото кое го објави.

Таа пред концертот на својот инстаграм објави фотографија во центарот на Скопје.

фото: Прагма продукција / инстаграм