Се живее или „преживува“ во земјава? Или, пак, само „кукаме“?

Дали платата е доволна за пристоен живот во Македонија – вечно актуелната, неисцрпна и многу често болна тема за македонските граѓани!

Со оглед на примањата, од една страна, и трошоците за живот, од друга страна, многумина велат дека тешко се врзува крај со крај само со плата, па така подигањето кредит е неминовно.

Дел од граѓаните кои ги прашавме за мислење на оваа тема велат дека во земјава воопшто не се живее, туку се преживува.

-Кога ќе се платат сметките, кога ќе купи храна, кога треба да се опремат децата за на училиште, навистина не стига за патување, инвестиции во домот, или некој „луксузен проект“. Поразително е што сметките и храната се со цени исти „горе-долу“ како во Германија, а нема споредба на нашите и нивните плати. Таму се со 1.500 евра минимум, ние со 15.500 денари, вели еден скопјанец.

-Колку и да звучи неубаво, но живееме на кредит, умираме на рати, вели друг граѓанин.

-Кај нас комфорно живеат само политичари, директори и нивни блиски луѓе. За нив Македонија е рај, за обичниот народ е пекол, едвај преживуваат, особно оние кои немаат обезбедено станбено прашање или немаат помош и поддршка од повозрасните членови во семејството, е ставот на една скопјанка.

Но, сепак, паричката секогаш има две лица, па така има и поинаки ставови од овие.

-Во контекст на прашањето, од Аеродром до Ѓорче постојано сообраќаен метеж, колони возила, полни кафичи, светска мода, а навистина ниски плати. Ништо не ми е јасно, констатира еден граѓанин.

-Да, сите се жалат дека нема пари, но добар дел од народот живее фино. Па, погледнете нa социјалните мрежи. Трговските центри се полни секој викенд, се патува барем до некоја блиска дестинација, има собирања, со јадења, пиења, во едно семејство има и по два автомобили...Само навикнати сме да „кукаме“ вели друг граѓанин.