Се бараат секретарки, шофери, сметководители, а работодавците речиси да немаат потреба од сниматели, дефектолози или библиотекари

Менаџери, секретарки, сметководители, трговци и курири се најбараните професии во Македонија. Всушност, професиите во областа на трговијата и продажбата се издвојуваат како убедливо најбарани, со речиси 35 отсто во вкупниот број објавени огласи.

Во петте најбарани професии се наоѓаат оние од областа на администрацијата и сметководството, економијата, траспортот, угостителството, маркетингот и односите со јавност.

Најчести јавни огласи се оние кои бараат комерцијалисти, продавачи, административни работници, возачи и програмери, додека пак кандидатите најголем интерес имаат за менаџерските позиции во продажба и извоз, како и во бизнис администрацијата.

Од друга стана пак, работодавците речиси и да немаат потреба од библиотекари, графички инженери, сниматели, проценители на ризик, стјуардеси, дефектолози и санитарни техничари. Сите оние кои се специјализирани во овие области имаат многу мали шанси за добивање на работна позиција на територија на Македонија.

Високото образование е задолжително, и е услов за добивање на работа во повеќе од 55 отсто од јавните огласи во Македонија, додека пак познавањето на англискиот јазик е потребно во дури 72 отсто од огласите.