Садгуру за радоста, одговорноста и блаженството: Што сѐ ни е потребно за среќа?

Духовниот учител, јогин и мистик, Садгуру во својата книга „Внатрешен инженеринг“ порачува да се опуштиме, да бидеме помалку сериозни, да правиме едноставни работи – да се радуваме!

На своите предавања, Садгуру повремено нѐ опоменува дека времето на Земјата за сите нас е ограничено и дека проблемот е во тоа што не сме свесни за својата минливост. Самиот факт дека сѐ уште сме овде е голема причина за радост.

Извор на радост

Кога сме среќни, нашето тело и ум функционираат со својот максимум и имаме повеќе енергија. Секој човек е во состојба да биде среќен, без некоја посебна причина. Всушност, нема човек кој не сака да биде среќен! Квалитетот на нашиот живот е одреден од количината на радост што ја поседуваме. Меѓутоа, изворот на радоста и среќата го бараме на погрешно место. Благодарение на напредокот на науката и на технологијата живееме поудобно отколку некогаш порано. Го приспособивме надворешниот свет на нашите потреби да таа мера што во догледно време лесно би можеле да останеме без материјал за обликување. Но сепак, поради тоа не станавме ни најсреќни ни најблажени суштетства на планетата. Според зборовите на Садгуру ние доаѓаме на овој свет без ништо и си одиме со празни раце – богатството на животот е само во начинот на кој ги пуштаме стекнатите искуства да нѐ збогатат.

Со поправање на условите за живот не се создава благосотојба; за тоа е потребно да се поправиме себе! Се насочуваме на надворешните фактори (кариерата, материјалната состојба, врските...) и очекуваме среќата да дојде како природна последица од остварување на нашите цели. Но, по се изгледа тоа не е доволно да нѐ одржи подолго во состојба на среќа затоа што и најмалите ситници нѐ исфрлаат од рамнотежа.

Садгуру напоменува дека со негативните емоции буквално го труеме организмот, нарушувајќи го со текот на времето своето психичко здравје. Кога ќе нѐ совладаат грижата, очајот, гневот и стресот, време е да се загледаме ВО себе, а не ОКОЛУ себе. Кога ќе преземеме контрола над сопствениот внатрешен живот, стресот исчезнува! Затоа е потребно да направиме големо внатрешно чистење затоа што сѐ додека нашиот внатрешен живот е роб на надворешните влијанија, нема да можеме да ја искусиме вистинската радост.

Преземање одговорност

Се наметнува заклучокот дека со нас главно управуваат ситуациите во кои се наоѓаме. Несвесни за тоа, ја обвинуваме судбината за сето она што ни се случува а за што не сакаме да преземеме одговорност. А што е всушност одговорноста? Тоа не е прифаќањето на сите тежини на овој свет врз себе, ниту постојаното чувство на вина. Тоа е едноставно нашата способност да одговориме! Кога нашето тело не би било во состојба да одговара на барањата на универзумот, нашиот опстанок не би бил можен. Оној момент кога ќе преземеме одговорност за нешто, престануваме компулсивно да реагираме на ситуациите. Со самото тоа, почнуваме да бараме решенија или свесно да одлучуваме дека нема да делуваме затоа што одговорноста подразбира слобода на избор.

Желба за бесконечност

Кога ќе станеме одговорни, во секоја ситуација ќе видиме можност за развој. Ако научиме да го контролираме личното искуство во различни ситуации, ќе можеме да го контролираме сопствениот живот и судбина. Тоа е почеток на нашето духовно патување. На тоа патување, клучна улога има јогата која е многу повеќе од изведување асани. Самиот збор јога буквално значи соединување. Во прашање е чувството на единство со постоењето, воедно, тоа е и наука за неговото достигнување „да се биде во совршена хармонија, во потполна синхронизација со постоењето“. Секое човечко суштество тежи кон тоа да ги надмине сопствените граници, смета Садгуру и да зачекори во сферата на вечното блаженство, која се наоѓа на другата страна на физичкото. Но, во експедиција на непознатото можеме да влеземе само само од она што ни е познато – од самите себе.

Според учењата на јогата составени сме од пет тела. Нашето физичко, ментално и енергетско тело ги сочинуваат првите три слоја и се од физичка природа, така што ги забележуваме со помош на сетилата. Дури кога овие три слоја максимално ќе ги усогласиме и ќе ги порамниме до најдобар степен, ќе можеме да преминеме во состојба на блаженство. За да го добиеме ова искуство, можеме да го искористиме своето тело, интелигенција, емоциите или енергиите посебно (карма јога, гнана јога, бакти јога, крија јога), но за да стигнеме до крајната станица, неопходно е да ги комбинираме споменатите димензии и да ги насочиме во иста насока.

Духовниот пат бара посветеност и дисциплина, полна свесност и решеност да се дојде до целта. Ако најдеме начин да го отпуштиме сето она што не ни служи повеќе во животот, да научиме како да се ослободиме од сопствениот товар и како да го земеме повторно, свесно и со леснотија, полесно ќе ја исполниме нашата цел.