Караниците не се реткост. Ги има во секоја врска, а понекогаш ни се чини дека во својата близина имаме луѓе кои се во постојана потрага да најдат причина за да се налутат.
Караниците во љубовните врски и во браковите исто така не се реткост. Иако караниците не мора да се нужно зло за односот, многу често ќе заборавиме зошто воопшто сме почнале да се караме и ќе започне рафално препукување кое веќе нема врска со почетокот на караницата.
Извлекуваме работи од минатото, се потсетуваме на сѐ што не било по наша желба, а сѐ со цел од таа караница да излеземе како победник. Конечниот резултат најчесто не бива победа, туку повредени чувства на луѓето во врската.
А зошто се случува тоа? Психолозите лутината ја дефинираат како чувство на болка во комбинација со мислите кои предизвикуваат бес. Тие мисли, односно бесот, понекогаш ја мотивираат личноста да се брани со напад.
А како да се карате попаметно?
Во едно спроведено истражување под името „Управување со конфликти: тешки разговори со тешки луѓе“, се покажало дека во секоја караница важно е да се одржува сигурно опкружување, односно да се изговараат реченици и да се поставуваат прашања кои водат до меѓусебно сложување. Се предлага да се користат изјави кои почнуваат со зборот „јас“.
Со цел да ја ублажите караницата, служете се со следната реченица: „Би сакал/а да се фокусираме на сите работи околу кои се согласуваме.“
Можете да ја менувате и да ја обликувате сѐ додека реченицата го вклучува зборот „согласуваме“.
Оваа реченица со себе носи бројни предности. За почеток, ќе овозможи да не се продлабочи конфликтот. Кога ќе почнеме да бараме теми и области околу кои се согласуваме, се менува нашиот начин на размислување. Другата страна престануваме да ја гледаме како непријател и на неа гледаме како на некој кој не е толку различен од нас.
Со изговарање на овие реченици, кај другата страна би требало да се намалат причините за лутење, дури и да исчезнат. Сите сме понекогаш лошо расположени и само бараме причини за караница, но кога провокацијата ќе ја дочекаме со насмевка и со желба за разговор, на личноста желна за караница и стануваме непривлечна мета.
Ако ви се чини дека се наоѓате во ситуација во која е невозможно да се најде заеднички јазик, обидете се уште еднаш добро да размислите. Дури и во најлошите ситуации, постои можност и простор за договор.
Сигурно ќе ви биде потребна пракса и време малку по малку да научите како во секоја ситуација да изнаоѓате решенија кои ќе придонесат никој да не биде повреден, но сетете се дека сѐ почнува само со една реченица – би сакал/а да се фокусираме на сите работи околу кои се согласуваме.