Публицистот Александар Трајковски и новинарката Лаура Папранику-Бејтула ја добија наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“

На публицистот Александар Трајковски и новинарката Лаура Папранику-Бејтула денеска им беше врачена државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2022 година.

Членот на Одборот за доделување на наградата Столе Наумов на денешното доделување на наградата во Собранието изрази благодарност и пофалба за сите кои конкурираа годинава, како и за нивниот труд, дело и посветеност.

Воедно, упати и искрени честитки до годинешните добитници на оваа државна награда.

Новинарката Лаура Папранику-Бејтула во своето обраќање денеска се заблагодари за добиената награда.

-Оваа награда нè прави горди и нè мотивира да сметаме дека со нашето создавање во новинарството и во публицистиката сме дале вредни придонеси. Ова за нас навистина е голема привилегија, но исто така нè мотивира и нè охрабрува да продолжиме и понатаму да работиме и да не ја разочараме довербата на јавноста, додаде Папранику-Бејтула.

Како што дополни, патеките за креирање на јавното мислење се полни со предизвици и препреки, а тоа е затоа што мисијата е да информираат точно и на време за сите појави, без разлика на тоа колку истите се чувстивелни.

-Во таа смисла, новинарството е благослов за земјите каде што правото на говорот и слободата на мислата во медиумите се сметаат за сојузници за постигнување на подобар стандард. Токму затоа и треба континуирано да се работи на унапредувањето на работата на новинарите, додаде Папранику-Бејтула.

Публицистот Александар Трајковски денеска по добивањето на наградата изрази благодарост до сите кои застанаа зад неговата номинација.

-Оваа награда ја доживувам како вреднување на мојот труд, но воедно ја доживувам и како вреднување на целокупната македонска книжевна публицистика, која што верувам и очекувам дека и во иднина ќе се развива, додаде Трајковски.