Денеска ќе се слави Денот на полицијата во скопски Аеродром

Денеска во 12 часот во паркот кај Авиончето во општина Аеродром ќе се одржи централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција 7-ми Мај.

На настанот свои обраќања ќе имаат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев. На одбележувањето на Денот на македонската полиција ќе присуствуваат и други гости и претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија.

- Како македонска полиција ќе имаме можност да се претставиме пред граѓаните преку презентација на опрема од сите родови и организациски единици на полицијата, а дружењето со граѓаните ќе продолжи со културно-уметничка програма. Ги покануваме граѓаните да присуствуваат на централната прослава и заедно да го прославиме Денот на македонската полиција, велат во покана од МВР. 

Присутните ќе ги забавуваат Елена Ристеска, Бојана Скендеровски, Пајак, Антониа Гиговска, Александра Јанева, Нина Јанева, ДНК, Мартинијан Кириловски, Брејк а Лег, и детскиот хор „Поточиња“.