Приведен 50-годишник откако им фрлил 1.000 денари на полицајци за да не му пишат казна

Завчера бил приведен 50-годишник, кој со товарно возило попречувал нормално движење на сообраќајот во Кучково.

- На 01.08.2023 околу 13.50 часот во село Кучково, скопско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Чашка при Регионалниот центар за гранични работи Север го лишиле од слобода А.С.(50) од с.Ласкарци, скопско. Имено, во наведеното време, полициски службеници го затекнале лицето како со товарно возило го попречува нормалното движење на сообраќајот во село Кучково, информира МВР.

Како што соопшти МВР, откако му било посочено дека сторил прекршок согласно член 63 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и дека ќе му биде поднесен прекршочен платен налог, тој извадил 1.000 денари, ги фрлил во службеното возило и од полициските службеници побарал да не му пишуваат казна. Веднаш потоа тој бил лишен од слобода и спроведен во полициска станица, а за настанот бил известен јавен обвинител.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.