Пристигна првиот авион од линијата Софија-Скопје

На Меѓународниот аеродром Скопје утрово во 09:40 пристигна авионот од Софија на авиокомпанијата „Гуливер“. Со ова се реализира првиот лет кој директно ги поврзува двата главни града на Македонија и Бугарија.

Со авионот во Скопје пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и од неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и туроператори од двете држави.

Очекувањата се дека редовната авиолинија Софија – Скопје ќе почне да функционира од следниот месец, а за неа, според најавите, е заинтересирана компанијата „Гуливер”.

Авионското поврзување меѓу двата главни града на Северна Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.