Претставите „16 чекори до земјата“ и „Код #9“ вечер на „Танц фест“

Во рамки на „Танц фест“ вечер од 20 часот во кино „Фросина“ во  Младинскиот културен центар ќе бидат изведени две претстави - „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „А приори“, по идеја и во кореографија на Елеонора Илија, а во вториот дел од вечерта и  „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, третонаградената претстава на „Масданца“ -  фестивал на Канарските Острови за 2022 година.

Музиката за претставата „16 чекори до земјата“ е на композиторот Александрос Ризопулос, драматургијата на Стела Димитракопулу, а асистент на кореографот е Ана Папаниколау, која е студент на мастер програмата за кореографија на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Костимите за претставата ги направи Ники Хронопулу, дизајнот на светлото е на Костас Зоукас, а настапуваат Ана Папаниколау, Марија Влахоу и Наталија Барус.

Според кореографката Елеонора Илију, претставата е движечко истражување на грчкиот традиционален танц од регионот на Епир, наречен „Загорисиос“. На сцената се формира спирала направена од земја, како референца за изворот на постоењето и спиралната форма на многу грчки традиционални танци.  Експериментирајќи со повторливиот шаблон на „Загорисиос“, кој се состои од 16 чекори, трите танчарки го презентираат својот искуствен однос кон традицијата во денешно време. 

Претставата „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, пак, ќе биде изведена во рамки на балканската турнеја. Балабанова истакнува дека за неа „Код #9“ е значајно дело бидејќи ја доближило до нов процес на работа кој, како што вели,  резултирал со откривање нови внатрешни светови.

-Турнејата на претставата е поддржана и од нашето Министерство за култура, што особено ме радува, бидејќи нашата земја го препознава нашиот успех. Пред „Танц фест“ настапивме во Косово и Софија, а планирани се изведби во театарот „Битеф” во Србија и подоцна во Словенија. Се радувам на можноста да бидам дел од „Танц фест” и да го споделам ова доживување со македонската публика, изјави Балабанова. 

Како што соопшти организаторот на „Танц фест“, претставата „Код #9“ со својот минималистички пристап  ја истражува трансформативната сила на играта помеѓу темнината и светлото.

-Додека темнината нуди можност за бесконечност и трансцеденталност, светлото резба фрагменти од телото, мислите и воздишките. Звучниот пејзаж ја дополнува имерсивната и медитативна атмосфера, водејќи ја публиката на работ помеѓу сонот и јавето. Со постојана игра помеѓу темнина и суптилно светло, публиката може да посведочи повеќе различни енергетски состојби, додека танчарот ја кани публиката да се придружи на патувањето. Перформансот е создаден во рамките на две резиденции: Барселона (2021) и Скопје (2022). Премиерно е изведен во „Погон“ Загреб, потоа на фестивалот „Фуоримаргине“ во Сардинија, Италија, наведува „Танц фест“.