Почнува 19-тиот „Танц фест“

 „Танцувајќи создаваме иднина!“ е мотото на 19-тиот фестивал „Танц фест 2023“ кој ќе биде отворен вечер од 20 часот во Македонскиот народен театар. 

За поддршката на современиот танц, на отворањето ќе бидат доделени наградите „Менада“  на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија, со кој Културниот центар „Интерарт“  соработува 15 години. Со поддршка на овој холандски универзитет е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава и на  Универзитетот „Гоце Делчев“ на кој од 2017 година работи Катедрата за современ танц.

Наградите ќе ги примат директорот на Кодаратс танцовата компанија, Кит Рандолф, и проректорот за наука на универзитетот „Гоце Делчев“, професор д-р Зденка Стојановска.

По доделувањето на наградите, публиката ќе има можност да ја види претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу  нашата држава и Холандија.

-Гостувањето на оваа извонредна компанија, со млади и несекојдневно талентирани танчери, е поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и ќе ни донесе повеќе кореографии, од осум истакнати светски кроеографи, како Ед Вубе, Кит Рандолф, Рој Асаф, Андонис Фониадакис, Мациеј Кузмински, Јарек Чемерек, Лоранд Захар и Весел ван Острум. Со настапот на интернационалниот состав од осумнаесет танчари на сцената, ќе можеме да уживаме во извонредната техника, софистицираност и експресивност која оваа претстава ја нуди, низ пејзажи на емотивен набој и креација, соопшти „Танц фест“.

Соработката со Кодартс, Рисима Рисимкин ја воспостави пред петнаесет години, во тоа време соработувајќи со Самуел Вуерстен, кој беше уметнички директор на Ротердамската академија за современ танц.

-Таа конекција го смени текот на историјата на современиот танц кај нас и придонесе за развој на универзитетска програма за оваа уметничка категорија, како и формирањето на Скопје танцовиот театар, кој за само 10 години стана извонредно познат во светски размери и кој минатата година гостуваше на една од најпретсижните светски сцени - во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Оваа соработка продложува да живее и, на голема радост на публиката на фестивалот, повторно ќе ги видиме младите „ѕвезди на иднината“ како што ги нарекува холандската и светската критика, додава организаторот на фестивалот. 

„Танц фест“ е поддржан од Министерството за култура, амбасадите на Холандија и САД во Скопје, УГД, Виталија, Бовин и мeдиумски партнери.