Пожарите за еден месец пеплосаа 400 хектари шума во НП Шар Планина

Над 400 хектари шума се изгорени од пожарите кои траеја шест дена на подрачјето на Националниот парк Шар Планина. Најголема површина зафатил пожарот кој гореше над селото Селце. Штетите сеуште не се пресметани, а не се калкулирани трошоците на другите државни институции. Иако најчесто пожарите се случиле во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари.

„Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што пожарите се појавуваат со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека условите се менуваат, а за справување со вакви екстреми немаме модел затоа што се потпираме на искуства. Јавната Установа Национален Парк Шар Планина е релативно нова институција и токму на самите почетоци е вистинско време да се прилагодиме да не се фокусираме само на досегашните искуства, туку да се фокусираме и на тоа што може да се случи“, истакна на прес-конференција Ибрахим Дехари од НП Шар Планина.

Од НП Шар Планина потсетуваат дека е забрането е палење на оган на отворен простор во шума и на друго земјиште на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата како и на законските последици со кои можат да се соочат граѓаните и правните лица.