Повик на МОН за финансирање трошоци за учество на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки

Министерството за образование и наука објави повик за покривање трошоци за котизација и пат за учество на еден меѓународен натпревар во текот на 2023 година од областа на математиката, информатиката и природните науки. Барања на јавниот повик може да поднесат акредитирани здруженија на наставници за организирање на натпреварите на ученици од основните училишта од страна на Министерството за образование и наука.

-Министерството за образование и наука за 2023 година ќе ги покрие трошоците за учество (котизација и пат) на еден меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки за најмногу шест ученици и најмногу три ментори, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународниот натпревар, како и во согласност со расположивите средства во буџетот на Министерството за образование и наука, наведува МОН во објавениот повик.

Прецизира дека под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави, на кој се споредуваат знаењата меѓу учениците од различните држави и се врши рангирање на најдобрите ученици од сите земји кои учествуваат на меѓународниот натпревар.

Јавниот повик е отворен до 31 октомври годинава. Во него се наведени документите што се потребни за пријавување и информации за начинот на аплицирање.