Посебно тело ќе оди во домовите на исклучените од парно за да утврди зошто го откажале греењето

Граѓанските здруженија не можат да се договорат со БЕГ за паушалот што го плаќаат исклучените, но и за квалитетот на испораката на топлинска енергија. За таа цел Регулаторна предлага да се формира Комисија што ќе ја проверува состојбата на терен.

“Ќе се формира комисија која што, колку и да се тие станови, ќе ги посети и ќе се утврди кај тие потрошувачи дали реално добивале топлинска енергија со пропишаниот квалитет, односно дали температурата во становите им била како што е пропишано, а со цел овие потрошувачи ако реално не добивале услуга сметаме дека нема причина да плаќаат за потрошена топлинска енергија”, изјави Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Регулаторна ќе направи и анализи за исплатливоста на поставувањето мерачи кај хоризонталните системи на парно греење.

“Бидејќи доколку се на трошок на операторот на дистрибутивниот систем понатаму треба да се прелеат на цената на крајните потрошувачи. Особено ќе водиме сметка воопшто да не им се зголемат трошоците на веќе приклучените потрошувачи”, изјави Бислимовски.

Регулаторна очекува до крајот на годинава да се усвои новиот правилник за топлинска енергија. Помош ќе побара и од академиците.