(Полу) Матурантите ни одржаа лекција за патриотизам!

Во екот на матурските и полуматурските прослави не минува без коментар за начинот на кој се одбележуваат овие моменти од животот на младите, но и нивните родители. 

Се коментира изборот на облека, локацијата на прослава, но и музиката со која се забавуваат младите. 

Се чини ништо не поминува без македонската изворна песна, но и македонското знаме! 

Познатиот инфлуенсер, младиот Никола, познат како „Боемот“ со интересен осврт за патриотскиот момент за време на овие прослави. 

-Во моето средно „Васил Антевски - Дрен“ отидов со македонско знаме, Кутлеш и на прославата лепев бакшиши на музиката исклучиво на македонски песни, нарачував патриотски мелодии и тогаш наидов на коментар „затуцан, close-minded, сељак“. Сите тие коментари ги добивав бидејќи наместо „Иди иди несанице“, „Бела циганка“, „Пукни зоро“, јас одлепував на „Бисер Балкански“, „Излези Ѓурѓо“ и „Налеј, налеј“. И покрај сите коментари своеглаво нарачував македонско песни, веев македонско знаме. За случката да биде уште појака имаше неколку српски знамиња во училишниот двор, а само едно македонско - моето. И нормално сите ми префрлаа мене дека сум „close-minded“, а никој на останатите со српски знамиња, пошо нели Македонци по дифолт се палат на србоманија. Помина матурата, останаа видеата и муабетите дека „некој сељак дошол со македонско знаме“, раскажува тој за свото матурско искуство од пред неколку години. 

-  Од денешна перспектива ги разбирам нивните коментари. Тогаш беше во мода да се „шарен револуционер“, а патриотите ги асоцираа на „небањати вмровци“. Кога го почнав профилов целта ми беше да го сменам овој стереотип. Да докажам дека и младите можат и знаат како да го сакаат своето. И успеав(ме). Благодарение на останатите патриотски профили направивме патриотизмот одново да се во мода, докажавме дека си мангуп ако си Македонец, а не либерал кој клима со глава на сѐ што ќе му сервираат.

На крајот од објавата заклучува дека патриотизмот не се покажува со само со музика и веење знамиња… Но, тоа е добар чекор кон градењето на здрава нација.