Поезија: Богомил Ѓузел - Крај на векот

Богомил Ѓузел (1939 – 2021) е роден на 9.02.1939 во Чачак, Србија, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, служел како гимназиски професор.

Photo by wr heustis

Крај на векот

„Си ја заборавил карпата што те родила…“
V Мојсеј;32,18

Велат, сме го одбиле каменот како божји дар
(место него сме го одбрале Плодот и Падот)
та затоа животот ни е зелен, па зрел и гнил
а не непроменлив и бесмртен

Затоа залудни ни се молитвите
здивот и зборовите наизуст изустени
(дишењето како нeпрекинато жртвување?)
од говорот – до онемување

Можеби веќе сме внатре во каменот
(во мракот подлабок од мракот надвор)
во громадата и во меѓникот на распаќе
што не фрла сенка ни на пладне

Па однатре гледаме како утки
со очите-искри, молејќи се со молчење
и го прифаќаме Ништото, мостот
врз бездната меѓу нас и Бога

Велат, по нашето Паѓање
и Господ се изгонил себе
се затворил во себе самиот
за да се роди и за да го родиме

А ние само го дувнавме пламенот
не исчезнавме –
се вративме во непостоење
тлееме однатре.