Почнува реконструкцијата на Сидриштето во Охрид

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска го посети армискиот Центар за обука на вода во Охрид, каде следната недела продолжува реконструкцијата на старата и дотраена дрвена платформа, во делот кој се користи за паркирање на воени и цивилни пловни објекти и изградбата на потпорниот ѕид.

Министерката истакна дека по увидот на состојбата направен минатата година, констатирано е дека Сидриштето се наоѓа во многу лоша состојба и дека неговата понатамошна употреба може да ги загрози животите на корисниците. Петровска појасни дека по отворената јавна набавка и изборот на фирма, заради укажувањето на граѓанска организација дека има можност за загрозување на животната средина, реконструкцијата е стопирана и побарани се мислења од надлежните институции и УНЕСКО.

„Се обративме на надлежните институции – Министерството за животна средина, Заводот за заштита на културното наследство и УНЕСКО и сите по увидот кој го направија во документацијата, вклучително и Елаборатот за заштита на животната средина констатираа дека нема никаква опасност по животната средина“, рече министерката.

Петровска рече дека активностите за реконструкција од страна на избраната компанија продолжуваат од понеделник и согласно договорот ќе траат 45 работни дена.

Реконструкцијата на платформата при која ќе се користат еколошки материјали се однесува на левата страна на Студенчишкиот канал и тоа во должина од 190 метри. Реконструкцијата се врши врз основа на истиот проект согласно кој е изведена реконструкцијата на десната страна на каналот.