По кој критерум се делат ваучери за клими, тротинети, одмори...Калина Коси за (не)рамноправноста

„Е кога би имало избори на секои шест месеци, граѓаните би се офајдиле“, велат на шега Македонците алудирајќи дека предизборно државата нуди помош во вид на ваучери и субвенции за голем број категории на граѓани. Но, не секогаш сите кои ги исполниваат критериумите стигаат до помошта. 

На оваа тема со свој став сподели Калина Коси. Ова е нејзиното размислување: 

- Ваучери за клими, тротинети, сега читам и за годишен одмор вон сезона. И кажуваат таму кои се критериумите и за колку ваучери обезбедиле пари. Е сега, ако на пример 10.000 граѓани ги исполнуваат критериумите и поднеле барање, а ваучери има само за 2000 граѓани, прво ме интересира зошто даваат само на 2000? Второ, со кое образложение ќе ги известат преостанатите 8000 дека се одбиени, односно зошто? И трето, како ги бираат тие 2000 од масава од 10.000? Мора да има некој дополнителен критериум, иако сите треба да сме по некоја логика рамноправни. Кој е тој критериум да ми е да знам... а знам.

Партиска книшка, послушност, број на излепени плакати, број на лајкови и коментари на социјални мрежи од типот „Браво директоре/министре/премиере најдобри сте!“? Роднина, пријател, љубовница? Искрено, ако не си едното или другото, џабе не стој во редот!