Најголемите криминалци и злосторници ни се побегуљи - Коси со објава директно во сржта на оваа болка

Калина Коси со свое видување на случајот со младата Вања - случај кој од синоќа не и дава мир и спокој на македонската јавност. 

Правдата не ги стига најголемите криминалци, вели таа во својата фејсбук објава.

- Пребрзи се, наоѓаат дупки во законите кои често сами претходно си ги ископале за себе, делата им застаруваат, им се минимизираат, им се одолговлекуваат предметите или некој им ги држи во фиока, нотира Коси. 

Ова е нејзината објава во целост: 

- Не сакав да зборувам и пишувам пред време, ама сомнеж ме изеде уште првиот ден. Која класна се јавува дома да информира дека дете не дошло на прв час? Најчесто не ни забележуваат и само ги запишуваат отсутните во дневник. Која мајка веднаш, по само половина час, пријавува во полиција исчезнување на дете? Најчесто си помислуваш - и се испразнила батеријата, го ставила телефонот на сајлент, избегале од час со другарките, седнале негде на кафе... Јака и душа, најдлабоко сочувство и Господ да и даде сила, ама жената најверојатно си знаела со каков маж си имала работа. Која полиција покренува потрага веднаш? Нели треба да поминат најмалку 24 часа... И сето ова е неважно веќе, сега кога детето си замина...

Пресконференцијата денес дополнително ме вознемири. Поарно да не ја гледав. Слика и прилика на Македонија во мало. Хаос, безредие, непрофесионалност, неписменост, неукост и нечувствителност што треба да се каже, а што да се праша, некултура – сите зборуваат во исто време и фарса. Тоа е најважниот впечаток, формалност и фарса, колку да се рече дека имало јавен прес. А ништо ново не чувме. Се дознавме претходно, поопширно и подетално, со имиња и презимиња, со слики, со се, од социјалните мрежи кои се секогаш прецизно информирани од внатрешни извори на истрагата. Течат информации што не смеат да протечат, што на криминалците им дава простор да избегаат на време. Некогаш течат, некогаш ги пуштаат да избегаат. Во секој случај, историјата ни се повторува. Најголемите криминалци и злосторници ни се побегуљи. Правдата не ги стига, пребрзи се, наоѓаат дупки во законите кои често сами претходно си ги ископале за себе, делата им застаруваат, им се минимизираат, им се одолговлекуваат предметите или некој им ги држи во фиока. А ти кукај народе, оплакувај мртви деца и плаши се за животот на сопствените. Тешко е, претешко да се живее во оваа држава. Секој ден - нов немир, нов страв, нов кошмар.