По 5.000 денари линеарно зголемени платите на административците во Град Скопје

Повисоки плати за 5.000 денари до крајот на годината ќе добијат административците од Град Скопје. Советот на Скопје го прифати амандманот за зголемување на платите предложен од советничката група на СДСМ во рамките на ребалансот на буџетот.

Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, го одби овој амандман, како и сите други на седницата, но Советот го изгласа.

Во согласност со одлуката, од ставката привремени вработувања се одземаат 12 милиони денари, кои се префрлаат во ставката основни плати. Со овие средства се обезбедуваат за 5.000 денари повисоки плати за 470 вработени во градската администрација, без јавните претпријатија и противпожарната служба.

„Ќе помине месец дена и ќе видите дека од овие 5.000 денари што сега ги најавувате, вработените нема да видат ништо“, рече советникот Малиша Станковиќ

Советникот Малиша Станковиќ, од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – СПМ, за овој амандман ги обвини советниците од СДСМ за популизам и рече дека тој реално не може да се исполни.

„Јас сакам да им укажам на вработените во Град Скопје и на јавноста дека амандманот еве не е спорно, ќе го изгласаме, но тој не може да се примени. Законски не може да им се зголеми плата на сите подеднакво со одлукава на Совет. Јас тврдам дека нема да може да се реализира и дека вработените нема да добијат 5.000 денари плус, како што најавува СДСМ. Тоа сакам да го знаете и затоа кажувам дека СДСМ глуми популизам. Онаму каде што можат да интервенираат, а тоа е преку општиот колективен договор, таму не интервенираат и не ги покачуваат платите на сите во администрацијата подеднакво, а овде каде што не можат да интервенираат поднесуваат амандман кој што е популистички, а кој што е неостварлив. Еве ќе го изгласаме, ќе видите дека нема да може да се оствари. Зошто тоа не го кажуваат од службите не знам. Ќе помине месец дена и ќе видите дека од овие 5.000 денари што сега ги најавувате вработените нема да видат ништо. Ќе ги видат само оние 10 % со септемвриската плата кои им се во општиот колективен договор“, рече советникот Станковиќ.

Во реплика, советничката Љубица Јанчева од СДСМ објасни дека поднесениот амандман ќе подлежи на анализа.

„Нема ништо од популизам. Ние не тврдиме дека вака како што сме го поднеле ќе биде реализиран. Стои убаво во амандманот, кој го прочитал, дека ќе подлежи на соодветна анализа, што од сектор за финансии, што од правниот сектор“, објасни Јанчева.

Советот на Скопје на вчера одржаната седница изгласа ребаланс на буџетот, кој сега изнесува 7 милијарди 503 милиони денари, односно зголемен е за 408 милиони 699 илјади денари.