„Пајакот“ отстранил 207 возила низ Скопје за една недела

Пајак-службата на Град Скопје во периодот од 17 до 24 февруари отстранила вкупно 207 непрописно паркирани возила од повеќе површини низ градот. 

„Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 31 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 176 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице“, се вели во соопштението. 

Меѓу другото, при контрола на површините за зонско паркирање казнети се 453 возила по различни основи, од кои најчесто неплаќање на услугата за паркирање, односно обид да се искористат површините за паркирање без да се плати. Вкупно 31 возило го пречекориле дозволеното време за паркирање кое е одредено со самото плаќање преку СМС-порака. 

„Градот Скопје и јавното претпријатие 'Градски паркинг‘ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка“, порачуваат од Градот.