„Пајакот“ отстранил 189 непрописно паркирани возила во Скопје

Во текот на изминатата недела „пајакот“ морал да интервенира во 189 случаи на непрописно паркирани возила на територијата на целиот град. 

Овие возила биле паркирани на јавни неодбележани површини, избегнале да платат за паркинг и/или ја загрозувале безбедноста на другите учесници во сообраќајот. 

Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 25 се отстранети од зонските паркиралишта, 5 се отстранети со комунален инспектор, а другите 159 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 370 возилa, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 25 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта. Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка.