Во галеријата „Метаноја“ денеска ќе биде отворена изложбата „Радост за цел свет“. Изложбата се организира во соработка со Балканскиот институт за вера и култура и Асоцијација за култура „Икон“.
-Изложбата „Радост за цел свет“ во изложбениот простор на Метаноја е поставена по повод Божиќ, најголемиот христијански празник, раѓањето на Исус Христос. Од изложбата зрачи творечкиот дух, добрата волја и пулсирачка енергија на уметничкото братство кое ги почитува христијанските вредности. Со свои творби се застапени следниве уметници: Томо Шијак, Томе Мишев, Доне Милјановски, Ставре Димитров – Стадим, Данчо Ордев, Страхил Петровски, Гоце Божурски, Јован Шумковски, Симонида Филипова Китановска, Вук Митевски, Мирослава Микица Трујкановиќ, Нове Франговски, Душан Перчинков, Димитар Кочевски, Павле Кузманоски, Петар Попчев, Илија Спасовски – Чендо и Владимир Георгиевски. Тоа се познати македонски сликари од различни генерации - пишува Климе Коробар.
Според рецензентот д-р Коста Милов, Божиќ и божиќните празници се синоним за радост и за светлина.
-Раната црква избрала да го одбележи Христовото раѓање на датум кога се случува астрономското прекршување и од најдолгата ноќ во годината првата зора на утрото најавува сѐ повеќе минути и часови исполнети со дневна светлина. Оттаму и радоста – се работи за архетипска победа на светлината над темнината -вели Милов.