Новинарот Фуркан Салиу е ослободен, вели дека не учестувал во тепачка: Ако се докаже дека сум нападнал полицаец ќе се повлечам од телевизија

Новинарот Фуркан Салиу, вчера вечерта излезе од полициска станица откако беше приведен по инцидентите на фудбалскиот натпревар помеѓу Куманово и Коњаре.

Во изјава за медиумите, тој кажа дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор. Салиу кажа дека полицијата почнала да тепа недолжно момче, а полицијата била без координација. 

„Не знаеја кого да бранат, кого да нападнат. Имаше случај кога полицаец велеше – сакатe да се тепате, епа тепајте се. Лош план за справување со натпревар од висок ризик за којшто јас како новинар знаев дека ќе има нереди, затоа и отидов таму“,вели Салиу.

Тој негира дека учестувал во нередите или дека нападнал полицаец и додава дека снимал само како полицијата тепа момче кое учестувало во немирите.

„Ме товарат дека сум нападнал полицаец. Нека го докажат тоа, од утре не ме гледате на екран. Ќе се извинам и ќе се тргнам. Нека докажат дека сум чепнал еден полицаец. Имаше таму полицајци кои снимаат, имаше камери од страна, нека докажат дека јас сум удрил полицаец… Полицајците почнаа да тепаат момче кое воопшто не учествуваше во тепачката, го ставија под кола да не се гледа и почнаа да го тепаат. Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го земаа телефонот, ме уапсија мене дека сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, ве молам докажете го тоа. Викам во видеото, се слуша, бегај – новинар сум, снимам, 90 отсто од тие полицајци ме знаат“вели Салиу.

Тој додава и дека го уапсила полициска единица чиј началник побарал среде натпревар новинарот да ги смири двете страни.

„Тоа го има на камера во МВР, затоа што тие го снимаа. Беше на работ на инцидент, тој побара од мене да влезам меѓу двете страни, затоа што сум работел на теми и во Коњари и во Арачиново, сите ме знаат. Откако излезе од контрола, тоа веќе е проблем на МВР. Јас не правам планови за вакви настани. Тоа што имаше малку полицајци, а многу публика, треба некој друг да одговори. Тоа што се дозволи да се тепаат граѓани меѓусебно пред полиција, тоа треба да одговори друг, јас не сум крив“,рече Салиу.

Салиу вели дека откако бил приведен приватниот автомобил му е претресен од страна на полицијата каде го има пронајдено пиштолот кој бил расклопен и кој за истиот поседувал дозвола.

„Претресувањето на возилото би требало да биде во мое присуство. Јас знам дека тоа е направено во обид да се избришат снимките од телефоните на моите сниматели, од кои побарав да се снима насилството врз мене. Ме информираа дека некои снимки се избришани, ама се надевам дека ќе ги вратиме и целата вистина ќе излезе на виделина“,вели новинарот.

Од МВР соопштија дека Салиу е еден од приведените откако настана инцидент на фудбалскиот натрпевар помеѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, во селото Средно Коњари, поради напад врз полициски службеници.