Автопатот Гостивар-Кичево се очекува да биде готов во 2027 година

Техничкиот премиер Талат Џафери изврши увид на работите на Коридорот 8 и делницата од Гостивар до Кичево. Од локацијата во Горна Бањица тој рече дека станува збор за мегапроект кој се реализира во последните 30 години и чие завршување се очекува во 2027 година.

“ Проектот опфаќа делницата Тетово – Гостивар, Кичево – Требеништа – Ќафасан, од другата страна во Албанија веќе се работи делницата од Елбасан до граница, така што проектот е од Коридорот 8 којшто е врска меѓу Јадранот и Црното Море. Тоа укажува дека овој коридор е од особено значење. Паралелно со ова оди делницата на Коридорот10д Градско – Прилеп – Битола, така што државата добива инфраструктура со квалитет каква што би требала да биде сообраќајна инфраструктура. Им честитам на сите, успешна работа и да дочекаме сите заедно во 2027 година да бидеме присутни на пуштањето на проектот, рече Џафери.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по увидот на работите напомена дека е задоволен од реализацијата изградбата на Коридорите 8 и 10д, за кои кажа дека е најголем капитален проект од независноста на земјава.

“ Државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во делот на инфраструктурата со инвестиција од преку две милијарди евра од изградбата на патната и железничката инфраструктура. Ова е многу значајно за државата, бидејќи денес се пробиваат и најтешките траси и на патната и на железничката инфраструктура на Коридорот 8 и на Коридорот 10д“, рече Бочварски.

Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми, вели дека новиот модел на изградба на автопатиштата во Македонија дава подобри резултати и овозможува засилено темпо на работа.

“ бВо овој момент паралелно се извршува експропријација, се проектира, се врши геомеханички испитувања и имаме и градежни работи. Овој е новиот модел на градба на автопатиштата каде што со овој нов модел ќе градиме по 23 километри автопатишта годишно, не со стариот модел што беше досега што градевме по 5,3 километри автопатишта“, појасни Рустеми.

Одговорниот директор на проектот во конзорциумот Бехтел и Енка, Џошуа Бејкер напомна дека во моментов се вработени околу 400 лица од кои половината се локални жители, а 11 проценти се жени.

“Во моментов почна ископ и транспорт на материјал кој ќе се користи за автопатот Гостивар-Тетово и активни се 300 машини. Склучивме 350 договори за подизведувачи од кои 70 проценти се од Македонија“, рече Бејкер.