Нов инцидент во автобус на ЈСП, нема тешко повредени, скршен е прозорец

Вечерва се случил нов инцидент во автобус на Јавното сообраќајно претпријатије Скопје ( ЈСП). Имено на автобуската постојка кај комплексот Банки во автобусот на линија бр. 7 дошло до тепачка известуваат од ЈСП.

Моментално не е познато кој и како учестувал во тепачката но во соопштението се наведува дека за среќа, во овој настан нема тешко повредени, а причинета е само минимална материјална штета (скршен прозорец) на автобусот која ќе се покрие со осигурувањето на возилото.

Од ЈСП апелираат до политичките партии да ја смират својата реторика во предизборниот период, да делуваат одговорно и да не користат реторика која ги потпалува тензиите меѓу граѓаните по кој било основ.

- “Истовремено, апелираме до МВР и техничкиот министер Панче Тошковски, кој е надлежен за спроведување на мирни, фер и демократски избори, да преземе одговорност и соодветни мерки за спречување на ваквата потпалувачка кампања која предизвикува нетрпеливост кај најмладите“ се вели во соопштението на ЈСП.

Од таму посочуваат, МВР да ги засили своите контроли во возилата од јавниот превоз, како и на автобуските постојки.

Скопје инфо веќе извести за еден ваков сличен инцидент каде се гледа како група на млади со боксови удираат еден од патниците во преполн автобус на ЈСП. Во описот на видеото стоеше дека тоа е на линијата број 57 а инцидентот се случил во скопската населба Радишани. Не е познато дали некој е од учесниците во овој инцидент е повикан од страна на полицијата.