Ноември - месец на машкото здравје: Што велат лекарите а што фитнес тренерите за одржување на здравјето на мажите

Месец ноември или како милуваме да кажеме ,,мовембер’’ веќе стана синоним за ,,машки’’ месец посветен на машкото здравје и подигање на свеста за превенција и рано откривање на машките болести.

Приказната за мустаќите не е само тренд, кој мажите ширум светот го прифатија туку има длабоко значење и испраќа силна порака до целата популација. Имено, во 2003 година, група пријатели од Австралија дошле до идеја да си постават предизвик и да израснат мустаќи во текот на месец Ноември за да му пренесат на светот сериозна порака за превенција од болести на простатата, сè со цел да се подигне свеста за здравјето кај мажите, па од тогаш оваа иницијатива се прошири низ целиот свет и опстојува веќе 20 години.

Така и ние пред крајот на ноември решивме да посветиме време на темава и да ви дадеме неколку совети за одржување на машкото здравје. За таа цел, поразговаравме со две засегнати страни, односно добивме совети од урологот доктор Горан Јовиќ од Клиниката "Жан Митрев" и од професионалниот личен фитнес тренер Филип Силјановски, кој долги години е тренер во фитнес клубот "Парк".

Доктор Јовиќ вели дека за жал кај мажите се уште постои срам за посета на уролог, па најчесто доаѓаат на преглед по иницијатива на сопргата или партнерката. 

Како најчести проблеми со кои се соочуваат мажите, вели, се дижурични тегоби (жарење во мочниот канал, често мокрење, ноќно мокрење, ослабен млаз), но исто така често и поради еректилна дисфункција.

За навремена детекција и превенција од болести, доктор Јовиќ вели мажите треба да посетуваат уролог барем еднаш годишно, без да чекаат да имаат било какви симптоми, бидејќи тие превентивни прегледи покрај другото откриваат малигни болести како што се тумори на мочен меур, карцином на простата или карцином на тестиси, кои се 100 процентно излечливи доколку се откриени навреме.

Болеста не бира години, па можат истите да се појават во било која година од животот. Како што истакнува докторот туморот на тестиси се појавува кај млади луѓе до околу 30тата година од животот, додека карциномот на простатата по 50тата година од животот, па ги советува сите мажи без разлика на се да доаѓаат на посета кај уролог барем еднаш годишно.

Од другастрана физичката активност и вежбањето е многу важна за одржување на машкото здравје, а бенефициите од истото прават мажите што помалку да имаат потреба од посетата на доктор.

Регуларната физичка активност е една од најбитните навики кога се работи за одржување на здравјето на високо ниво. Вежбањето дефинитивно го подобрува здравјето и перформансот на мозокот, помага со менаџирање на тежината, го намалува ризикот за кардиоваскуларни заболувања, ги зајакнува коските и мускулите со што значително се успорува остеопорозата и ги подобрува сите моторички способности кои ни овозможуваат да ги извршуваме секојдневните активности.

Живееме во времиња каде зборот стрес е збор кој најчесто е користен како предизвикувач на здравствени проблеми, а како што вели Силјановски редовната физичка активност дефинитивно е најдобрата алатка за намалување на нивоата на стрес. Таа индиректно помага и за подобрување на сонот кој што игра клучна улога. Мажите кои што редовно вежбаат и имаат квалитетно редовно спиење и сон како по правило почнуваат да се интересираат и за подобрување на навиките со исхраната и дефинитивно се зголемува интересот за исфрлање на некои навики кои благо речено – не помагаат кога се работи за здравјето. 

Како најголеми бенефиции кои носи вежбањето за машкото здравје, тој ги издвојува: намалениот ризикот за дијабетес, намален холестерол, намалена анкциозност и депресија, намален ризик за висок притисок, нормални нивоа на тестостерон, намален ризик за еректилна дисфункција, посилни коски и поголема самодоверба.

Во последно време доста актуелна е темата за ниските нивоа на тестостерон кај денешниот маж. Симптомите за ниското ниво на тестостерон се: намалено либидо, константен замор, потешкотии за задржување на мускулна маса, ниска самодоверба, чести и огромни промени во расположението, зголемување на телесна тежина итн итн. Физичката активност, особено тежинскиот тренинг е најдобриот начин да се спречи и регулира цела таа промена. Едноставно кажано е дека дефинитивно го зголемува квалитетот на живот и значително ги намалува шансите за било какви заболувања, истакнува фитнес тренерот.

Доколку се уште се мислите кога е најдобро време да се започне со вежбање, започнете денес! Со надзор од стручно лице е дефинитивно возможно и препорачливо да се вежба и во поодминати години, а и многу се ретки здравствените проблеми при кои физичката активност е забранета. Реалноста е дека правилната физичка активност дефинитивно ќе помогне за побрзо и поефективно отстранување или подобрување на 99% од здравствените проблеми, потврдува Филип.

За крај Силјановски сподели и неколку совети кои треба да ги практикуваат сите мажи за подобрување и одржување на своето здравје.

Минимум x3 пати неделно тежински тренинг, кој би требало да трае околу 60 минути. Квалитетен и редовен сон.  Барем еднаш неделно кардио активност (викенд прошетка до врвот на Водно би го навел како идеалната кардио активност). Подобрување на навиките со исхраната е нешто што дефинитивно носи многу добар резултат. Зголемување на внес на течности (вода). Намалување на внес на течности (алкохол) и секако насмевка на лицето!

(Наталија Јосифоска)