Нема потреба од паника дека има или дека ќе има недостаток на производи

Нема потреба од паника дека има недостаток на производи или дека ќе има недостаток. Она што ние го имаме утврдено преку документација е дека има доволно масло на залиха и нема потреба од купување на огромни количини. Сметам дека во најбрз можен рок ќе се воспостави редовно снабдување на трговските објекти и редовна продажба, порача денеска директорката на Пазарната инспекција, Анета Симеска-Димоска.

Како што кажа на прес-конференција, денеска се вршат надзори кај производителите на масло.

-Само кај еден од производителите каде е завршена контролата има рафинирано масло кое е спремно за пакување во количини доволни за три месеци согласно претходната потрошувачка и динамика која ја имал производителот. Има дополнително и суровина доволна за три месеци што значи дека во овој момент немаме проблем дека ќе има недостаток на масло за јадење, рече Симеска-Димоска и посочи дека има залиха од над 100.000 литри кои ќе се дистрибуираат кај трговците, согласно побарувачката.

По однос на цената на маслото рече дека е во рамките на очекуваното со минимални зголемени трошоци во однос на тоа како се продаваше маслото во изминатиот период и е околу стотина денари, а согласно одлуката во маркетите би се продавало до 104 денари. Ќе се контролира, потенцира, и како производителите ги калкулираат трошоците и дали се тие согласно одлуката.

За недостатокот на масло во некои градови рече дека верува оти е предизвикано од зголемената потрошувачка во изминатите денови и дека можеби не е навреме дистрибуирано во сите градови и маркети.

На денешната прес-конференција истакна дека инспекторите на Пазарната инспекција од понеделникот заклучно со вчера извршиле 200 надзори кај трговците на мало, а дел и кај трговците на големо каде контролирале цени на производи и залихи, како и почитување на законските прописи и владини одлуки.