Недела ден за одмор, а оние кои ќе работат да земаат за 50% поголема дневница

Поради се погласното дебатирање за недела како неработен ден за сите и се повеќе експлoатирање на темата, за популистички цели од најразлични групи,  Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС јавно го искажува својот став кој всушност го бранеше пред Економско – социјалниот совет.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на КСС:

КСС стои на ставот дека сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа:

– Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%.

– Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота.

Со ваква измена сметаме дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот од причини што:

  • во Законот за работни односи, член 117 став 5 вели дека: ,,Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно”.
  • Со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, се заштитува работникот од една страна, да неможе да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.

Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места.

Од тие причини ние препорачуваме дека во моментот нашиот предлог е можеби и најприфатливо решение за сите засегнати страни.

КСС со ваков предлог,  кој ќе го брани со силата на аргументите излезе и пред надлежните, за што веруваме и дека се сложуваат сите останати преставници на работниците,  но и дека се дава можност на бизнисот да продолжи во овие тешки времиња да ја преживее оваа економска криза. Во спротивно сите други предлози, се чини дека би биле неприфатливи од причина што ќе се направи дискриминација со селектирање кој може, а кој не може да работи во недела.