На последната фестивалска вечер во Куршумли-ан ќе бидат објавени и доделени наградите од „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ секоја година доделува награди во пет категории, и тоа „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и nаграда за најдобри етички идеи.

Во петте комисии за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет, а наградите ќе бидат објавени и доделени на последната фестивалска вечер на 24 август во прекрасниот амбиент на Куршумли-ан.

Комисијата за доделување на наградата „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма е во состав: Наталија Либет, филмска продуцентка и сосопственичка на киевската продукциска компанија „2Брејв Продакшнс“ (2Brave Productions) водена од жени; Родолфо Кастиљо – Моралес, мексикански режисер, програматор и куратор, специјализиран за современа документаристичка кинематографија; и Јелена Максимовиќ, дипломирана филмска монтажа на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2015 година предава на Катедрата за дигитални уметности при Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, Србија.

Во комисијата за наградата „Млад кромид“ се Лорен Кларк, која креира филмски програми, а истовремено е кураторка и истражувачка сместена во Глазгов, Шкотска; Владимир Гојун, хрватски филмски монтажер кој дипломирал на Академијата за драмски уметности во Загреб, каде што денес работи како вонреден професор; и Рок Бичек, словенечки режисер и продуцент, кој во 2011 година ја основал независната продукциска компанија „Цвингер филм“ со седиште во Љубљана и филијала во Виена, Австрија.

Комисијата за доделување на наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав: Марина Костова, наградувана новинарка и една од најактивните филмски критичарки во Македонија, како и основачка членка и заменичка главна уредничка на дигиталната редакција СДК.мк (www.sdk.mk), а во моментов е претседателка на Македонската секција на Интернационалната федерација на филмски критичари, додека самата учествувала во жирија на критичари на ФИПРЕСЦИ на бројни фестивали низ светот; Барбара Орлич-Шчипула, организаторка на филмски настани, специјалистка за филмска промоција, универзитетска предавачка, како и претседателка на Управниот одбор на „Краковската филмска фондација“, непрофитна организација чија основна цел е широка промоција на филмската уметност и поддршка на филмаџиите и продуцентите од Полска; и Драган Вон Петровиќ, монтажер и режисер на документарни и играни филмови, кој е чест гостин-предавач, модератор на панел-дискусии и советник за монтажа за документарни и долгометражни играни филмови на повеќе фестивали, а во 2021 година ја освоил наградата за најдобар монтажер доделена од Здружението на монтажери на Србија.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм одлучува комисијата во состав: Марко Грба Синг, уметнички директор на Меѓународниот документарен филмски фестивал „БелДокс“ во Белград од 2018 година; Стефани Фухс, која е дел од продажниот тим на „Аутлук филмсејлс“ од 2014 година, дава експертиза како советничка за филмската индустрија и како панелистка, а била дел и од неколку жирија на интернационални филмски фестивали; и Витеслав Чованец, кој дипломирал Филмска и аудио-визуелна култура на Универзитетот „Масарик“ во Брно, а од септември 2017 година е дел од тимот на Чешкиот филмски центар при Чешкиот филмски фонд, каде што е одговорен за промоција на чешки документарни и кратки филмови во странство.

Во комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи се Андреас Јунсен, режисер и самоук филмаџија кој од 2003 година со голем успех самиот ги режира, продуцира и финансира своите филмови; Серџо Трефо од Бразил, кој магистрирал филозофија на Сорбона и почнал да работи во Лисабон како новинар, а потоа и како продуцент и филмски режисер; и Васко Маглешов, македонски новинар кој веќе петнаесет години работи во повеќе телевизии и онлајн медиуми, од 2016 година објавува филмски рецензии и интервјуа со режисери, актери и филмски работници за специјализираното филмско списание „Филм плус“ и во неделникот „Филмски печат“, а моментално работи како новинар во Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН).

На статуетките кои ќе им бидат врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.