На охридскиот аеродром: ТАВ Македонија го пречека обновениот лет од Белград

Аеродромскиот оператор ТАВ Македонија, денес, 19-ти јуни, на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид ги пречека првите патници кои дојдоа од Белград, притоа одбележувајќи го обновувањето на авиолинијата Белград-Охрид-Белград на Ер Србија.

Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле срдечно ги пречека патниците на Ер Србија и од денеска ќе биде точката за повторно поврзување на Белград и Охрид, 4 пати неделно или секој понеделник, среда, петок и сабота, со што ќе се зајакне регионалното поврзување и поттикнување на економскиот и туристичкиот раст.

Ер Србија, националниот авиопревозник на Србија, ќе ги обнови директните летови меѓу аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и аеродромот Св. Апостол Павле“ во Охрид, нудејќи им на патниците удобна и сигурна опција за патување меѓу двата динамични града со воздухоплови АТ7 со капацитет од 66 седишта.

Со обновувањето на оваа воздушна линија се докажуваат напорите за соработка меѓу Ер Србија и ТАВ Македонија, со цел подобрени можности за патување за патниците,  поттикнување на туризмот и олеснување на деловните врски.

„Ние, како ТАВ Македонија, со задоволство ја пречекуваме Ер Србија назад на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид како и обновената авиолинија на релација Белград-Охрид, по паузата од 2017 година. Ова обновување не само што повторно го поврзува Охрид, бисерот на Балканот, со главниот град на Србија, Белград, исто така означува и важна пресвртница во нашите напори за закрепнување по тешкиот и предизвикувачки период со кој се соочи авиоиндустријата на глобално ниво. Дополнително, повторното воведување на летовите на релација Белград-Охрид не само што ќе им користи на патниците кои патуваат за одмор но, исто така, ќе служи и како катализатор за економски раст на двете дестинации. Ќе го промовира туризмот, ќе ги зајакне деловните врски и ќе ја олесни културната размена меѓу Србија и Северна Македонија. Уверени сме дека обновувањето на оваа авиолинија ќе обезбеди огромни можности за соработка, трговија, и размена на идеи. Тимот на охридскиот аеродром е посветен на обезбедување безбедно и ефикасно аеродромско искуство за сите патници додека тесно соработува со Ер Србија за да се осигура дека нивното патување е непречено и пријатно.“ изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Патниците кои патуваат на релација Белград-Охрид можат да очекуваат исклучителна услуга и удобно патување со авиокомпанијата Ер Србија, додека аеродромот Св. Апостол Павле Охрид останува посветен на обезбедување одлична услуга, давајќи ѝ приоритет на безбедноста, како и придонесувајќи за економскиот раст и развој на локалната заедница и туристичката индустрија.

„Почнувајќи од денес, нашата компанија ќе лета меѓу Белград и Охрид. До градот во Северна Македонија ќе летаме четири пати неделно, секој понеделник, среда, петок и сабота. Веруваме дека нашите летови ќе бидат дополнителна мотивација за патниците од целиот регион на Западен Балкан летово да го посетат Охрид и да откријат зошто го носи атрибутот „Ерусалим на Балканот“, изјави Бошко Рупиќ, Директор за комерцијални работи и стратегии на Ер Србија.

Патниците можат да ги резервираат своите авионски билети преку веб-страницата на Ер Србија и ќе имаат можност за само 1 и пол час да пристигнат во Охрид или Белград, да уживаат во нивниот престој и да ги посетат извонредните места и атракции на двата града.

ТАВ Македонија продолжува да бележи позитивен тренд на закрепнување во авиосообраќајот. Во петте месеци од 2023 година, ТАВ Македонија забележа 1.036.296 патници кои патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Оваа бројка претставува зголемување од 45% во однос на истиот период во 2022 година и 13% зголемување во однос на 2019 година, која се смета за референтна година во воздухопловството, по кризата со ковид-19. Во истиот период, јануари-мај 2023 година, бројот на летови на двата македонски аеродрома достигна 8.097 летови, со годишен пораст од 29% и 6% зголемување во однос на 2019 година.