На денешен ден, во 1993 година, почина Блаже Конески

Декември е месец на Блаже Конески. Тој беше роден на 19 декември 1921, а почина на 7 декември 1993. Училиштата и институциите кои го носат неговото име, во негова чест, патроните празници најчесто ги празнуваат на 19 декември, но не забораваат да го одбележат и овој значаен ден. 

Можеби и не постои позначајна личност за македонскиот литературен јазик, книжевноста, граматиката. Тој е и поет и писател, професор, академик, филолог, книжевник, но и еден од кодификаторите на современиот македонски јазик, како и прв претседател на МАНУ.

Конески активно работел стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет. А во периодот од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот.

Во 1967 станува член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и е нејзин прв претседател (до 1975). Исто така бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија во 1947 година и негов прв претседател.

Работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“.

Оваа година, по повод 100 години од неговото раѓање, беше одбележана со низа манифестации и награди во негова чест. Блаже Конески е име кое кај секој Македонец предизвикува стравопочит, бидејќи за многу од она што го имаме денес, можеме да му заблагодариме токму него и на неговата работа и творештво.