На 22. јуни во Скопје „Парада на гордоста“ по петти пат

На 22 јуни под мотото „Спектакуларно непослушни” ќе се одржи петтото издание на Парада на гордоста во Скопје.

Организаторите најавуваат неколку нови содржини на Скопје Прајд кои на прес конференција во недела ќе ги соопштат Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центар и Ангел Димитриевски, извршен директор на ЕКВАЛИС.

-Парадата на гордоста е исклучително важна форма на протест на ЛГБТИ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството, а медиумската поддршка е од суштинско значење во борбата за еднаквост на маргинализираните групи, нагласуваат од Тимот на Скопје Прајд.

Организаторите и годинава очекуваат медиумите за овој настан да известуваат професионално и согласно етичките новинарски стандарди и позитивниот тренд на информирање за ЛГБТИ + темите низ призмата на човекови права да продолжи и оваа година.