МВР ги има надминато ланските достигнувања во работењето на полето на безбедноста, рече Спасовски

Aктивната транспарентност на МВР од просечни 59., % во 2016, денеска, во 2023, изнесува високи 89,8 %, а индексот на отвореност изнесува 78,9 %, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на традиционалниот брифинг со новинарите.

„Нашата целосна посветеност кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност ја покажавме со доверената организација на два големи настана од висок ранг. Првиот, јубилејната 50. европска регионална конференција на Интерпол, чии домаќини бевме, а се совпадна со уште еден убав јубилеј – 30-годишнината од членувањето на нашата држава во ова глобално полициско семејство. Со вториот настан – 30. министерски самит на ОБСЕ, ја оправдаме довербата пред светот, дека ние како држава и како институции умееме да покажеме гостопримство и капацитет за организација на настан од висок степен, со над 70 официјални делегации и над 1.000 учесници, што бараше и сериозна посветеност во негово обезбедување, зачувување на јавниот ред и мир, особено во Скопје, и нормално функционирање на државата. Но, ја покажавме и нашата целосна посветеност да бидеме активен учесник во градењето посилни меѓународни односи со цел зајакнување на регионалната и глобалната безбедност“, рече Спасовски.

МВР, според него, ги има надминато ланските достигнувања во работењето на полето на безбедноста.

Статистиката, како што рече, говори за континуитет во намалувачките трендови на криминалните области, поточно годинешниот просек говори за намалување на вкупниот криминалитет за 8 % наспроти ланските 6 %, со постигната ефикасност на полицијата од речиси 60 %. Притоа зголемување бележат откриените кривични дела од организиран криминал, шверцувањето мигранти, заплените на оружје, а зголемена е ефикасноста и во борбата со недозволената трговија со дрога, додека генерално намалување има кај имотните деликти, особено тешките кражби и разбојништвата, како и прекршоците од јавниот ред и мир.

„Одлични резултати постигнавме и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Сузбиени се вкупно 13 организирани криминални групи, во кои членувале над 100 лица, за недозволена трговија со дрога, оружје, шверцување мигранти, културно наследство, но и злоупотреба на службената положба и перење пари, а во делот на спречување на корупцијата откривме приближно 120 кривични дела, тешки 350 милиони денари“, рече Спасовски.

Појасни дека за сите нови вработувања во МВР е воведена и обврската за пријавување имот и интереси за вработените, како и ревидирање на дисциплинските процедури, со цел зајакнување на можностите на земјата за борба против корупцијата, особено во однос на интегритетот и одговорноста на вработените во институциите. Истакна дека има и континуирано унапредување на социјалниот статус на вработените во МВР.

„Со реформските процеси на оперативно рамниште, 2023 година ја завршуваме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но почнат е реконструкциски зафат на управните служби во МТВ, како и основни подготовки за почнување активности во Центарот за обука во Идризово. Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекта по веќе функционалниот ИКТ Центар во Прилеп, а тоа се – најсовремената форензичка лабораторија на Балканот во рамките на Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба ја почнавме од темел.

По издвоените 13 милиони евра, со кои во изминатите години се набавија униформи, чевли и опрема за сите организациски единици во МВР“, истакна Спасовски.

Информира дека денеска со претседателот на репрезентативниот МПС е потпишан изменетиот и дополнет колективен договор на МВР, со кој е извршено усогласување со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор.

„На задоволство на вработените, кои, како што споменав, од годинава веќе добија регрес за годишен одмор за 2023. Ќе потсетам дека МВР уште во 2021 имаше сенс и првпат во еден колективен договор во државата употреби родов речник и терминологија, а покрај многуте одредби, кои значеа унапредување на правата на вработените и исправање на неправдите од претходните колективни договори, благодарение на дијалогот со МПС, предвидовме и нова одредба за воведување еднократен паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност на работничка мајка за секое новородено дете. Дека родовата сензитивност не само што е енигма за некои други синдикати, туку некои од нив се и против мерките за поддршка на нивните колешки во остварувањето на улогата на мајки, најдобро говори податокот што токму против оваа одредба претставка поднесе помошник-генералниот секретар на Независниот синдикат на полицијата поаѓајќи од строго лични побуди да оствари за себе паричен надоместок иако не го исполнува условот токму од тој чл. 201 од колективниот договор, односно не е работничка мајка, што е условот за надомест, туку работник татко, а мајката не е работник во МВР.

По оваа претставка, експресно даде мислење Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и препорача МВР да иницира измена на овој член од колективниот договор по што работна група од Министерството ја разгледа препораката и ми предложи укинување на одредбите од чл. 201, односно негово бришење. Јас тој предлог категорично го отфрлив затоа што мојот став е: додека јас раководам со МВР, нема шанса никој да укине ниту едно право што е стекнато досега! Во овој контекст неодамна реагирав и на една ноторна невистина, што се пласира во јавноста, повторно од поединци од одредени полициски синдикати, дека наводно ќе се укине бенефицираниот стаж за вработените полициски службеници, дека ќе се укине поволноста за пензионирање – да се користат 10-те најповолни години и дека ќе се укинат 5-те испратнини за полициските службеници. И тогаш реков и сега ќе повторам – правото за кое работникот се изборил и го добил преку репрезентативниот синдикат на полицијата – МПС нема да дозволам да биде избришано или укинато“, појасни Спасовски.