Муцунски со став: Крај на попустливата меѓународна политика, ќе се прави евалуација на нашите амбасадори и конзули

Основен приоритет на нашата надворешна политика ќе биде полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија. Една работа која што ќе ја прави идната влада е Македонија да биде држава која што ќе биде силно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика. А исто така клучен приоритет ќе ни биде негување на стратешкото партнерство со САД, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски на денешната програмска дебата насловена Дипломатски хоризонти – Реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија посветена на ЕУ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198.

Муцунски потенцираше дека приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа е веднаш да се направи евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва, односно како што рече тој да се виде кој какви резултати постигнал и доколку не се постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, а на нивно место ќе бидат поставени и професионални, стручни и компетентни кадри.

Во делот на приоритети кои што треба да ги испорача нашата дипломатска мрежа, односно една работа која мора веднаш да ја направи е евалуација на работата на нашите дипломатски и конзуларни претставништва. Знаеме за попустливоста на МНР, знаеме за стратешките грешки. Но, огромен дел од проблемот е што Македонија во моментот има катастрофална дипломатска мрежа. И затоа прво ќе треба да се направи евалуација што нашите амбасадори и конзули за кои што издвојување значителни буџетски средства прават во својата работа, кој резултати ги постигнале, дали тие успеале да донесат некој инвеститор кои што отворил работни места во Македонија. Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, и професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно места. И во таа смисла како приоритет ќе биде економската дипломатија, научната дипломатија, образовната и културната дипломатија. Оние аспекти на надворешното политичко работење кое носат добро за граѓаните на Република Македонија, дециден е Муцунски.

Во делот на европските интеграции Муцунски рече дека дилемата на граѓаните е што ќе се прави со спорот со Бугарија, но посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тоа е дека нема уставни измени под вакви услови.

Нашиот став што го имаме до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени, рече тој и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ легитимна алтернатива е да се бара одложната примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет, но и гаранција дека нема да има повеќе билатерализација на европската интеграција на Македонија, истакна тој.

Без никаков сомнеж одложната примена на уставните измени е една легитимна алтернатива која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено од наша страна ќе има гаранции од ЕУ за македонскиот јазик, идентитет, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава, рече Муцунски и заклучи дека доаѓа крај на попустлива надворешна политика.

Она што треба да го знаат нашите сограѓани доаѓа крај на попустлива надворешна политика, која имаше само една цел во последните години, а тоа е да ги штити тесните интереси кои што беа на власт.