Младиот Медијан од утре ќе биде вработен во ЈКП Гази Баба

Младиот Медијан од утре ќе биде вработен во ЈКП Гази Баба со помошта од градоначалникот Бобан Стефковски. За стореното добро дело градоначалникот ги  извести граѓаните преку објава на неговиот официјален фејсбук профил.

„Денес во просториите на општина Гази Баба имав средба со младиот Мете од Хиподром. За жал животот неколку пати си поиграл со него и во моментов тој се соочува со неколку проблеми. Онака како што ветив по најавата на емисијата "Срце на дланка" пред се како човек, а потоа и како градоначалник на општина Гази Баба му подавам рака на Медијан за заедно да се избориме тој да има подобри услови за живот“, напиша Бобан Стефковски на својот профил.

Покрај наоѓањето на работа за Медијан, градоначалникот Стефковски истакна дека ќе му помогне и во однос на правниот спор и ќе му обезбеди адвокат чии трошоци ќе бидат регулирани од негова страна.

На Медијан му се обезбедени и намирници за храна за следните денови.

„Хуманоста е наша должност и обврска. Медијан е младо и талентирано момче кое ја заслужува нашата помош. Од денес Мете во мене има пријател и сојузник во неговата борба и верувам дека заедно ќе се избориме за подобро утре! Им благодарам од срце на Никола, Виктор, Даниел, Сашо и сите останати жители на Хиподром кои дадоа силна поддршка на Медијан!“, напиша градоначалникот.