Мераци на државна сметка: Груби распиша тендер за хостеси, сали, сместувања, странски пејачи?!

Странски и домашни артисти, оркестар, режија, пренос во живо, хостеси, изнајмување на сала, сценографија, промоција, декоративни 3Д елементи од стиропор, плексиглас, форекс или други материјали, озвучување, кетеринг, печатење материјал, сместување. Ова се само дел од работите на кои ќе се трошат државни пари, а за што Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби, распиша тендер. Во него, нема вредност. Ова значи дека е непознато колку пари ќе се потрошат.

Освен општите услови, сите кои сакаат да учествуваат во тендерот треба да поседуваат низа сертификати, да извадат десетици документи, потврди, уверенија. Познавачите велат, што повеќе услови, толку помалку фирми би ги исполниле критериумите за да се наддаваат.

Сите кои ги исполнуваат критериумите, мораат за 15 дена да ги соберат и сите документи. На 19 октомври ќе се отворат понудите.

Минатата година, за прославата, беа потрошени 60.000 евра. Договорот го доби фирмата „Арбериа дизајн“. Истата фирма работеше и на „Пис фестивал“ организиран од Груби. Од Државна лотарија на Македонија доби тендер за маркетинг. Годинава, тие добија тендер за организација на годишнината од Рамковниот договор.

Во последните три месеци Арбериа дизајн доби четири тендери од државни институции предводени од кадрите на ДУИ – тендер на Комисијата за хартии од вредност каде претседателка е Нора Алити, поранешна пратеничка на ДУИ, тендер на Министерството за надворешни работи со кое раководи потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, тендер на Државна лотарија на чие чело е Перпарим Бајрами, поранешен шеф на кабинет на Артан Груби и тендер на универзитетот Мајка Тереза.