Маврово и Ростуше бара да се прогласи кризна состојба поради зголеменото присуство на мечки

Врз основа на донесениот заклучок на вонредна седница од страна на Советот на Општина Маврово и Ростуше, Општината до Владата поднела информација со барање за прогласување кризна состојба на цела територија на Општина Маврово и Ростуше. Ова е побарано откако во последните шест месеци е евидентирано зголемено присуство на кафената мечка на територијата на општината.

Оттаму велат дека ги презеле сите активности и мерки кои се во своја надлежност, се со цел да ги заштитат своите граѓани. Евидентирано е присуство на 160 до 180 животни од овој вид.

- Исто така ги повикуваме Министерството за Животна Срдина и Просторно планирање, Министертвото за Земјоделство, шумарство и водостопанство, НП Маврово, ЦУК и сите други институции кои се надлежни за решавање на овој голем проблем со мечките и дивите свињи да се стават во функција за што поскоро решавање на истиот, со што ќе ја вратиме безбедноста на нашите граѓани, бараат од општината.

- Кризната состојба ќе се побара со цел преземање на дополнителни мерки за заштита на населението, заштита на животот и имотот, а со тоа и обезбедување на уставно загарантираното право на секој граѓанин за безбедно, слободно и непречено движење и живеење на територија на целата држава, се вели во соопштението објавено на Фејсбук страницата на Националниот парк „Маврово“.