Ангелов: Отстрелувањето на мечките е најнеблагородната метода, но животот и безбедноста на граѓаните е најважна

Откако од општината Маврово-Ростуше, побараа да се прогласи кризна  состојба на нивна територија поради проблемот со мечките на кој подолг период укажуваат, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за понеделник свика состанок на група за процена, на која ќе се одлучи како да се реши проблемот. 

– Отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната метода, кон која не се стремиме, но животот и безбедноста на граѓаните е најважна. Затоа ќе ја разгледаме опасноста, а самите селани укажуваат на агресивност на некои од единките мечки – рече Ангелов на денешната прес-конференција.

Оваа мерка е овозможена во два закони, во Законот за ловство се предвидува дека МЗШВ може да дозволи лов на трајно заштитен дивеч, ако прави штета, а сличен член има и во Законот за заштита на природата. 

Ангелов вели дека бројот на мечките во Националниот парк „Маврово“ се движи околу 160-180,  а според надлежните институции треба да биде околу 70.

До ваквиот зголемен број довела забраната за отстрел на мечките кои спаѓаат во строго заштитен вид од 1996 година.

Тој појасни дека рано наутро, денес, го посетиле селото Жировница, коешто е дел од оваа општина Маврово – Ростуше и поразговаравме со локалното население, но и со градоначалникот и советниците, за проблемот кој ги мачи последниот период.

– Последниот период во Маврово – Ростше, но и во други делови од државата, забележано е зголемено присуство на кафеави мечки, којашто кај нас е забранета за лов, спаѓа во строго заштитен вид од 1996 година. Самото тоа придонесува таа да се размножува, но глобалното затоплување си го направи своето. Последните топли години, дозволуваат мечката да не оди во таканаречениот зимски сон и да биде активна во текот на зимата и да бара храна. Се забележува дека мечките имаат најмалку три мечиња, што е доста ретко, особено во поранешните години – рече Ангелов.

Иако, повеќето селани се иселени, сепак, таму има жители, а мечките се симнуваат во селата по храна. Има деца, а се движат сами до училиште. Улиците се тесни, затоа што се работи за планински села, па мечката и да нема намера да нападне, во тие услови е многу веројатно да нападне, појасни Ангелов.

Во селото Требиште, во основното училиште, учат 45 ученици, кои сами доаѓаат во училиштето и сами се враќаат. Родителите се исплашени, не ги пуштаат децата надвор, а во дворот ги пуштаат само со надзор. Сите носат петарди за да ги исплашат мечките доколку ги сретнат.

– Досега не е забележан напад од мечка, но месните заедници, заедно со МВР и Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина, се договориле да побараат прогласување вонредна состојба – рече Ангелов.

Мечките доаѓаат во дворовите во потрага по храна, па жителите имаат блиски средби со нив. Ангелов раскажа дека повозрасна жена, која живее сама, а синовите ѝ се иселени, забележала мечка која сакала да влезе во куќата, а бидејќи останала присебна, соседите помогнале да ја избркаат мечката.

Многу често се забележани напади на пчеларници, кои се уништени, но убиен е добиток, овци, кози и крави. Еден од проблемите, според селаните е тоа што во околината нема доволно храна, сливите крушите не родиле доволно, па мечките сами слегуваат во селата во потрага по храна.