Македонските одбојкари денес ја почнуваат сезоната во Европската Лига

Одбојкарската репрезентација на Македонија од денес ги започнува натпреварите во рамките на новата сезона во Европската Лига. Тие од завчера се наоѓаат во Варна, Бугарија каде ќе ги одрграат наредните неколку натпревари. За противници, тие ќе ги имаат селекциите на домаќинот Бугарија, Албанија и Данска.

Вицешампионската титула Македонија ќе ја брани, без ниту еден одигран контролен натпревар и низа сериозни кадровски проблеми. Сепак селекторот Жарко Ристоски и стручниот штаб останаа оптимисти дека имаме капацитет да ги повториме резултатите од последните две сезони. Најпрво ќе играме со Албанија, па со Данска за на крај да играме против Бугарија. Веќе наредниот викенд, нашите репрезентативци ќе играат на вториот турнир кој ќе се одржи во Скопје. Вториот турнир ќе го угости салата „Борис Трајковски“ од 16-ти до 18-ти јуни.

Дупките настанати со проблемите со кои се соочија нашите репрезентативци, ќе ги пополнат нашите млади надежи кои ветуваат посветеност и игра на ниво. Капитенот на екипата Никола Ѓеоргиев е оптимист и вели дека првиот натпревар, против Албанија, ќе биде пресуден. -„Доколку победиме против Албанија, вратите кон Ф4 ни се широко отворени.“ вели Ѓеоргиев.